ОВАА ГОДИНА 10 МИЛИОНИ ЕВРА – 17 реконструкции на касарни
Нови „страјкери“ и хеликоптер, мистрали и хаубици зајакнуваат огнената моќ на Армијата.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, одговараше на новинарски прашања во Штип за состојбата на Блискиот Исток и набавката на воена опрема од страна на македонската армија.
„Ние сме постојано со нашите сојузници и имаме една цел – Македонија, македонската војска и граѓаните. Ќе дадеме сè од себе да бидеме спремни“, истакна Мисајловски.
Министерот најави дека се набавуваат нови „страјкери“, а се очекува и дополнителна огнена моќ од повеќе држави. При крај е договорот со Франција за мистралите, хаубиците веќе пристигнаа во земјата додека првиот хеликоптер се очекува наскоро.
„Ова се сериозни вложувања оваа година, која можеби е најтешката за Министерството за одбрана, за да ги исплати сите овие работи“, додаде Мисајловски.
Министерот нагласи дека следуваат сериозни инвестиции и во наредните 10 години. Новиот план ќе ја дефинира приоритетната набавка на опрема и средства.
„Верувајте, се работи за милиони и милијарди евра што ќе се вложуваат директно во Армијата“, изјави Мисајловски.
Оваа година ќе се реализираат 17 реконструкции на објекти со инвестиција од околу 10 милиони евра. Во касарната „Јане Сандански“ во Штип се реконструираат два објекта, со вредност од околу 1 милион евра. Некои објекти се веќе готови, а други се до 70% завршени.
„Целта е нова, модерна инфраструктура во сите касарни. Постојано вложуваме во нови проекти“, рече Мисајловски.
Министерот потврди дека тужбите по основ на колективниот договор значително се намалиле. Во минатото имало околу 1.000 тужби, со вредност од 15-20 милиони евра. Сите обврски што претходно не биле исплатени се подмирени.
„Важно е да се почитува колективниот договор и да се разговара со сите, за да нема повторни тужби“, нагласи Мисајловски.


