ОВА Е УБИЕНИOT РУСКИ ГЕНЕРАЛ ВО ДЕНЕШНИОТ АТЕНТАТ Бил клучна фигура во стратешки воени операции и преговори
Неговата смрт доаѓа во чувствителен момент, додека во Москва пристигна и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, во рамки на дипломатските напори за мировно решение за конфликтот во Украина.

Генерал-мајорот Јарослав Москаљик, заменик-началник на Главната оперативна управа на Генералштабот на руските вооружени сили, загина денеска во експлозија на автомобил-бомба во Балашиха, предградие на Москва. Според првичните информации, експлозивната направа била поставена до паркирано возило и активирана со далечински управувач.
Инцидентот се случил денеска, при што силната експлозија предизвикала оштетување на околните згради, вклучително и скршени стакла. Рускиот истражен комитет го класифицира случајот како убиство, а на местото на настанот е објавено и видео од моментот на експлозијата.
Москаљик, роден во 1966 година, беше високо рангиран офицер во руската армија и важеше за еден од клучните оперативни команданти во последната деценија. Тој одигра значајна улога во дипломатските напори поврзани со војната на истокот на Украина, учествувајќи на разговорите во Париз во 2015 година, како и на состаноците во рамките на Нормандискиот формат, заедно со претставници од Русија, Украина, Германија и Франција.
Неговата смрт доаѓа во чувствителен момент, додека во Москва пристигна и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, во рамки на дипломатските напори за мировно решение за конфликтот во Украина. Москаљик е десеттиот руски генерал кој загинува од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.
Според Олга Ившина, дописничка на Би-Би-Си од Русија, Москаљик бил почитуван во воените кругови и познат по своите аналитички способности. Таа додава дека, иако Русија претходно загубила високи офицери на фронтот, овој напад покажува дека украинските разузнавачки служби сѐ почесто дејствуваат и на руска територија, со целено елиминирање на високи функционери.
Случајот наликува на сличниот напад во декември 2024 година, кога во Москва беше убиен генералот Игор Кирилов. Тогаш, и Москва и Киев индиректно ги потврдија украинските служби како извршители на нападот.
Истражните органи продолжуваат со анализата на безбедносните снимки и трагаат по сторителите на нападот.


