ОВА Е ПРАШАЊЕ НА СОВЕСТ, НЕ НА КОМОДИТЕТ – Реакција на родителите од Кочани
Меморијалот ќе биде дискретен белег, без промена на намената на паркот

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, формирано од родителите и семејствата на трагично загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“, јавно реагира на петицијата што деновиве се шири преку социјалните мрежи и дел од медиумите, а која се однесува на предложената локација за спомен-обележје на улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.
Од здружението истакнуваат дека имаат морална и граѓанска обврска да укажат на неколку клучни факти кои, како што наведуваат, се во директна спротивност со пораките што се пласираат преку петицијата поднесена од 17 граѓани.
Како прво, нагласуваат дека предложената локација претставува јавно зеленило – парк во државна сопственост, наменет за сите граѓани на Кочани, а не приватен имот или „ничиј двор“, како што, според нив, погрешно и манипулативно се претставува во дел од јавните реакции.
Второ, родителите појаснуваат дека поставувањето на спомен-обележјето не ја менува намената на просторот. Меморијалниот белег нема да биде масивна градба ниту објект со нова функција, туку дискретен и достоинствен знак на сеќавање, каков што постои во бројни градови ширум светот.
Тие ги отфрлаат и тврдењата дека спомен-обележјето би било место за секојдневно оплакување.
„Нашата болка е во нашите домови и на вечните почивалишта на нашите деца“, наведуваат од здружението, додавајќи дека меморијалот е замислен како место за тивко оддавање почит и колективно сеќавање, а не како закана за ничиј мир или јавен ред.
Во однос на самата петиција, од здружението потсетуваат дека таа нема правна тежина во процесот на одлучување. Јавната дебата, како што велат, е легитимна и добредојдена, но конечната одлука за локацијата, согласно законските процедури, ја носи Советот на Општина Кочани. Медиумскиот притисок и едностраните кампањи, според нив, не можат да ја заменат институционалната одлука.
Родителите укажуваат и дека правата на жителите не се ексклузивни.
„Сите сме жители на Кочани – и тие што реагираат, и ние, и нашите деца кои трагично ги загубивме“, наведуваат, оценувајќи дека условувањата и обвинувањата за самоволие се непримерни и болни.
Тие додаваат дека, доколку мнозинството граѓани смета дека предложената локација не е соодветна, таквата волја ќе ја почитуваат, но истовремено го поставуваат прашањето дали загинатите деца заслужуваат трајно спомен-обележје на видливо и достапно место или треба да бидат оттурнати на периферијата и во просторот и во колективното сеќавање.
Според здружението, иницијативата за спомен-обележје не е приватна желба, туку прашање од јавен интерес и чин на колективна меморија за трагедија што го обележа целиот град и државата. Како особено загрижувачко го оценуваат тоа што петицијата се претставува како „глас на граѓаните“, иако зад неа стои ограничен број поединци, што дополнително ја продлабочува болката на семејствата.
„Ова не е прашање на комодитет или навика, туку прашање на достоинство, меморија и совест“, порачуваат од здружението, апелирајќи до медиумите за одговорно информирање и до јавноста да не дозволи болката на семејствата да биде предмет на сензационализам или притисоци.
Граѓаните на Кочани можат да се изјаснат за иницијативата за поставување спомен-обележје преку дигиталната платформа „Заедница“, каде што е активна анкета на оваа тема.


