ЈОТОВА ОД МИНХЕН НИ ПОРАЧА – Без промена на уставот и запишување на Бугарите заборавете на ЕУ

Претседателката на Бугарија Јотова потврди: без уставна промена нема напредок во преговорите за членство.

ЈОТОВА ОД МИНХЕН НИ ПОРАЧА – Без промена на уставот и запишување на Бугарите заборавете на ЕУ
Фото: Принтскрин

Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, од Минхенската безбедносна конференција изјави дека Македонија не може да напредува кон членство во ЕУ додека не се промени уставот и не се впишат Бугарите во него. Таа нагласи дека ова не е само позиција на Софија, туку и политика на Европската Унија.

Јотова ги даде изјавите по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На истата конференција, премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, се сретна со Кошта, додека бугарскиот премиер Росен Жељасков исто така е присутен во Минхен. Лани во Минхен министри за надворешни работи од двете земји имале средба, но таа не довела до приближување на ставовите.

Јотова истакна дека Софија е загрижена поради обидите на македонските власти да најдат алтернативен пат за напредок во преговорите, избегнувајќи ја темата за фундаменталните вредности и човековите права. Таа нагласи дека Бугарија не може да се согласи на таков пристап и дека уставната промена е неопходен услов за продолжување на евроинтеграциите.

Претседателката се надева дека до јуни, кога ќе се одржи следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се најде решение, доколку Македонија сè уште сака да се приклучи на Унијата.

Кабинетот на Јотова објави пократко соопштение за средбата, додека Мицкоски на Фејсбук информира дека на средбата го пренел ставот дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.

CATEGORIES
TAGS
Share This