ОСОМНИЧЕНА ПРВАТА АНТИКОРУПЦИОНЕРКА ДИМИТРОВСКА – Судот и го одзеде редовниот и дипломатскиот пасош
Доцна попладнето стигна информација дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска му давала тајни информации за отворени предмети во Комисијата на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ кој е обвинет во случајот Адитив.

Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, се најде под лупа на Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како дел од проширената истрага во случајот „Адитив“. Како што информира Кривичниот суд во Скопје, по сослушувањето кај судија на претходна постапка, Димитровска добила мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и забрана за вршење одредени работни обврски поврзани со делото
„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како “Адитив”, по нејзино произнесивање во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост согласно точка 3 и точка 7 односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“ се вели во соопштението на Кривичен суд.
Доцна попладнето стигна информација дека претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска му давала тајни информации за отворени предмети во Комисијата на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ кој е обвинет во случајот Адитив. Таа неколкупати на Вибер му испраќала податоци и за дуги опфатени во предметот, во текот на минатата година. Инаку поранешниот директор Стојановиќ е и сопственик на фирма опфатена во обвинителниот акт. Димитровска му оддавала информации и за имотната состојба
„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици за постапката“ се вели во информацијата од ОЈОГОКК.
Истрагата за случајот „Адитив“ започна во декември минатата година, кога беа опфатени 23 лица, меѓу кои поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, неговиот наследник Васко Стефанов и екс-директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски. Обвинетите се сомничат дека организирано делувале со цел да фаворизираат одредени фирми во тендерски постапки, стекнувајќи противправна имотна корист и преку перење пари прикривале средства во вредност од 6,8 милиони евра.
Случајот првично ги засегна 23-мината, но во февруари беше проширен со нови осуммина осомничени. Со вчерашните тројца нови осомничени, меѓу кои и Димитровска, бројката се искачи на 34. Дел од нив се наоѓаат во притвор, некои се во куќен притвор, а други под мерки на претпазливост.
Судската постапка за случајот е веќе во фаза на подготовка, откако обвинението беше поднесено во февруари до Кривичниот суд во Скопје.
Димитровска е на чело на Антикорупциската комисија од февруари минатата година. Претходно 19 години работеше во Државниот завод за ревизија, од кои две години како помошник на главниот ревизор, со фокус на ревизии на институции како ДКСК, АВМУ, ДИК и политички парти.


