ОТЕЖНАТ СООБРАЌАЈ НА ДЕЛ ОД ПАТИШТАТА ПОРАДИ СНЕГ – Без гужви на граничните премини
Снег се задржува на коловоз на превоите Буково и Пресека, екипите на „Македонија Пат“ активно интервенираат.

Сообраќајот на државните патишта денеска (10.01.) се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег кој се задржува на коловоз се бележат од влез на с.Свињишта до превојот Буково и од с.Врбјани до Превојот Пресека, екипите на Македонија Пат се на терен и се преземаат мерки за чистење на снегот. На патниот правец Струга-Кафасан и превој Стража се бележат слаби врнежи од снег кој не се задржува на коловоз додека на патниот правец Дебар-Маврово врнежи од дожд.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај важи за патниот правец Охрид- Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година кој е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.


