ОСВЕЖУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО Значително пониски температури во наредните денови

Под влијание на значително посвежа воздушна маса од север, Република Македонија оваа недела ќе ја почувствува промената во временските услови. Очекувањата се за пријатно и посвежо време, особено во ноќните и утринските часови, кога температурите ќе се движат меѓу 10 и 19 степени Целзиусови. На повисоките места и во планинските предели, термометрите може да покажат и под 10 степени.
Дневните температури, пак, ќе бидат значително пониски отколку што беа до саботата (26 јули), со разлика која на некои места ќе надминува и 10 степени. Највисоките дневни температури на повеќе места нема да го надминат прагот од 30 степени, освен во Повардарието, југоисточните делови и Скопскиот регион, каде што се очекуваат и до 33-34 степени.
Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а утре (вторник, 29 јули) долж Повардарието се очекува засилен северен ветер. Локално ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и силен ветер, а не се исклучува и појава на краткотрајно невреме со град.
Најинтензивни врнежи се очекуваат во четврток (31 јули), кога на поголем дел од територијата се прогнозираат обилни дождови проследени со грмежи и засилен ветер. Локално, условите се поволни и за појава на невреме со потенцијален град.
Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено во планинските и руралните предели, каде временските неприлики може да предизвикаат краткотрајни поплави или оштетувања.


