ОСТРА ИЗЈАВА НА СИБИГА Шефот на ФИФА Инфантино е „морален дегенератор“
Инфантино рече дека забраните за Русија не носат ништо и само создаваат омраза

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, го нарече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, „морален дегенератор“ по неговата критика на забраната за руски спортисти.
Инфантино изјави за Sky News дека забраните и бојкотите „не носат ништо и само придонесуваат за поголема омраза“ и дека Русите треба да можат да се натпреваруваат „барем на младинско ниво“.
Сибига на социјалната мрежа X одговори дека Русија продолжува да убива цивили и дека предлозите за укинување на забраните се срамни. Тој го спореди ставот на Инфантино со Олимписките игри во 1936 година во нацистичка Германија и тврди дека идните генерации ќе ги осудат таквите изјави.
Русија тврди дека нејзините трупи таргетираат само воени цели и не напаѓаат цивили.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, руските и белоруските спортисти се забранети од повеќето меѓународни натпревари, вклучувајќи ги ФИФА и УЕФА. Украина воведе санкции кон одредени руски спортисти кои ги обвинува за поддршка на „агресија и пропаганда“.
Рускиот олимписки комитет ги критикува забраните како „политичка дискриминација“ и „политизација на спортот“.
Сепак, некои руски и белоруски спортисти можат да се натпреваруваат на големи настани во неутрален статус И без национални симболи. Од крајот на 2025 година, меѓународните федерации почнаа постепено да ги укинуваат санкциите, дозволувајќи им на џудистите, гимнастичарите, самбистите, младите одбојкари и шахистите да настапуваат на меѓународни натпревари во полн капацитет.

