ОСТАВКИ ГО ТРЕСАТ СДСМ Ацевски и Чупевска се повлекуваат
Внатрешните конфликти во СДСМ се интензивираат по поразот на локалните избори.

Костадин Ацевски, претседател на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров и неодамнешен кандидат за градоначалник, поднесе неотповиклива оставка. Во видео-обраќањето, тој истакна дека „резултатот е лош“ и дека „исправно е оставка да поднесат и претседателот Венко Филипче и целото раководство на СДСМ“.
Ова е втора значајна оставка за само 24 часа. Синоќа се повлече и потпретседателката Ана Чупевска, наведувајќи „суштински разлики во концептите и методологијата на работа во партијата“. Информацијата ја потврди и партиското раководство.
Ацевски образложи дека неговиот чекор претставува „објективна и морална одговорност“ по изборните резултати, но и сигнал за потребата од подлабоки кадровски и концепциски промени во врвот. Неговото барање за повлекување на целото раководство денеска го пренесоа повеќе медиуми, што дополнително го зајакнува внатрепартискиот притисок по локалните избори.


