ОСКАРИТЕ ЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВААТ НА ЈУТЈУБ Еј-Би-Си ќе ги емитува до 2028 година
Од 2029 година, преносот во живо ќе биде ексклузивно на дигиталната платформа на „Гугл“

Од 2029 година, доделувањето на Оскарите, еден од најпознатите светски телевизиски настани, ќе се префрли од телевизијата Еј-Би-Си на платформата Јутјуб, соопшти Американската академија за филмски уметности и науки.
Телевизијата Еј-Би-Си ќе го пренесува настанот до 2028 година, кога ќе се одржи јубилејното, 100-то доделување на Оскарите. Од 2029 до 2033 година, Јутјуб ќе има ексклузивни права за пренос во живо, станувајќи главна дигитална платформа за сите содржини поврзани со наградите – од црвениот тепих, преку доделувањето на Гувернерските награди, до објавувањето на номинациите.
Преносот ќе биде достапен бесплатно за гледачите ширум светот, со повеќејазичен аудиопренос и титлување.
„Со ова партнерство, Академијата го проширува своето светско достигнување и ја приближува церемонијата до нова публика“, изјавија извршниот директор Бил Крамер и претседателката Линет Хауел Тејлор.
Иако сè повеќе големи настани се насочуваат кон стриминг-платформите, Оскарите се први од т.н. „голема четворка“ кои целосно се откажуваат од класично телевизиско емитување. Јутјуб, кој е дел од „Гугл“ и има околу две милијарди корисници, сега станува централната платформа за овој настан.
„Овој договор претставува културно партнерство кое ја слави уметноста и има цел да инспирира новата генерација филмски автори и публика“, изјави извршниот директор на Јутјуб, Нил Мохан.
Американската телевизија Еј-Би-Си засега не коментираше за одлуката, која означува крај на нивната долгогодишна традиција. Тие ја емитуваа церемонијата од 1961 година, со исклучок на периодот од 1971 до 1975 година, кога емисијата беше пренесувана од Ен-Би-Си.


