ОСКАР КАНДИДАТКА – Скопје ја пречека со овации
Историјата и традицијата оживеаа во еден документарец што ги допре сите

Десетминутни овации, салата во МНТ исполнета до последното столче и тишина што владееше за време на проекцијата – вака Скопје ја пречека македонската премиера на „Приказната за Силјан“, македонскиот кандидат за Оскар, режиран од Тамара Котевска и откупен од National Geographic.
На настанот присуствуваше целата филмска екипа, вклучувајќи ги и главните протагонисти Никола Цонев, Јана Цонева, Александар Цонев и Александра Цонева од кочанското село Чешиново, како и државниот врв, кој стана незаобиколен дел од гала настаните. Филмот веќе освои голем број престижни награди и номинации на фестивали како Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и други.
„Приказната за Силјан“ е приказна за издржливоста, грижата и малите дела кои го менуваат животот. Земјоделецот Никола случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и одлучува да му помогне. Нивниот кревок однос постепено се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и буди старите преданија и односот кон природата.
По проекцијата, режисерката Тамара Котевска се обрати пред публиката:
„Не можам да ја опишам возбудата што ја чувствуваме вечерва. Без разлика каде бев, нема чувство што ќе го замени ова пред домашната публика. Ова е мојата најголема гордост! Филмот настана без намера да стигне толку далеку, создаден е за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но најмило ми е што вечерва го видовте сите вие. Планираме премиери и проекции низ цела Македонија, бидејќи луѓето од помалите места и те како заслужуваат да го видат овој филм. Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто раскажувам приказни за нив. Особено ми е драго да промовирам приказни од подлабоките и поскриените делови на Македонија – тие се суштината на нашата култура и ни ги држат корените. Особено сум горда на екипата која се бореше од почеток до крај, често без финансиска поддршка. Тие навистина заслужуваат сè. Сакам да пратам и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој моментално е на Cinema Eye Honors во Америка. И за крај, посакувам некои работи што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но некои други да останат непроменети!“
Иако „Приказната за Силјан“ не влезе во потесниот избор за Оскарите ниту во категоријата за Најдобар странски филм, ниту за Најдобар документарец, филмот веќе имаше американска премиера на 28 ноември во Њујорк.
Од 15 јануари, филмот ќе се прикажува во скопското кино Синеплекс, а потоа и низ цела Македонија.


