ОРБАН ПРЕДУПРЕДУВА – Западна Европа се подготвува за војна со Русија
Премиерот на Унгарија предупредува дека состаноците на Советот на ЕУ сè повеќе личат на воени совети

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Западна Европа „отворено се подготвува за војна со Русија“. Тој нагласи дека состаноците на Европскиот совет сè повеќе наликуваат на „воени совети“.
„Кога присуствувам на седниците на Советот на ЕУ, јасно гледам дека се прават подготовки за војна. Овие средби веќе не личат на класични политички разговори и тие се претвораат во воени собири каде што големите земји, како Германија и Франција, разговараат за тоа како да ја победат Русија, како да ја натераат да плати репарации и да ги возврати средствата што моментално се инвестираат во Украина,“ рече Орбан, додавајќи дека „во Западна Европа има вистинска воена мобилизација“.
Тој истакна дека секојдневно постои ризик Унгарија да биде вовлечена во конфликтот, поради што основните приоритети на секоја унгарска влада, според него, треба да бидат: „да останеме надвор од војната“ и „да не ги трошиме унгарските пари за Украина“.
Орбан додаде дека со Русија Унгарија одржува „коректни и избалансирани“ односи, избегнувајќи да ги опише како „пријателски“, за да не создаде погрешна перцепција.
Тој наведе дека Будимпешта истовремено развива силни врски со Кина, Турција и земјите од Централна Азија. Иако односите со Германија во моментов не се најдобри, Орбан смета дека постои потенцијал за подобрување. Тој забележа дека ова е делумно компензирано со силната политичка соработка со Италија.
Премиерот потенцираше дека Унгарија, и покрај комплицираната историја во регионот, успешно гради стабилни односи со Чешка, Словачка и Србија.


