ОПАСНО ВРАЌАЊЕ ОД МЕСЕЧИНАТА – Астронаутите минуваат низ „огнен пекол“ за да се вратат на Земјата
Драматични моменти при враќањето на капсулата на Artemis II која влегува во атмосфера со екстремна брзина.

Четворицата астронаути од мисијата Artemis II денеска го започнаа враќањето кон Земјата, завршувајќи историско патување околу Месечината, прво со екипаж по повеќе од 50 години. Нивниот вселенски брод Orion spacecraft е на пат кон контролирано спуштање во Тихиот Океан, во близина на Јужна Калифорнија.
Финалната фаза од 10-дневната мисија вклучува одвојување на капсулата од сервисниот модул, по што следи екстремно повторно влегување во атмосферата. Во текот на тој процес се очекува шестминутен прекин на радио-комуникацијата, пред капсулата да се спушти со падобрани во океанот.
Екипажот кој го сочинуват Reid Wiseman, Victor Glover, Christina Koch и Jeremy Hansen, треба да слета безбедно во капсулата „Интегритет“ во водите кај Сан Диего.
Мисијата започна на 1 април од Cape Canaveral со моќната ракета Space Launch System. Астронаутите навлегоа подлабоко во вселената од било кој човек во историјата, минувајќи зад темната страна на Месечината.
Со ова, тие станаа први луѓе што се приближиле до Месечината уште од времето на Аполо пограмата. Мисијата испиша и нови страници во историјата со Гловер како прв црн астронаут, Кох како прва жена и Хансен како прв неамериканец во ваква лунарна мисија.
Овој лет претставува клучна подготовка за идните мисии, особено за Артемис III, која има за цел повторно слетување на Месечината, прво по Аполо 17.
Најризичниот дел од мисијата е токму повторното влегување во атмосферата. Капсулата ќе се движи со брзина од околу 40.000 км/ч, создавајќи температури повисоки од 2.700°C. Топлинскиот штит мора да издржи, додека екипажот ќе биде изложен на силни гравитациски оптоварувања.
Официјални лица од NASA нагласуваат дека „ова е моментот на вистината“, каде секој параметар од аголот на влегување до перформансите на системите мора да функционира беспрекорно.
Мисијата не е само симболично враќање на луѓето во близина на Месечината, туку и тест за технологиите што ќе овозможат долгорочно човечко присуство таму и како чекор кон идни мисии кон Марс.
По слетувањето, спасувачките тимови во Тихиот Океан ќе ја преземат капсулата, додека контролата на мисијата во Хјустон ја следи секоја секунда од овој критичен момент.
