ОБВИНУВАЊА ОД ВЛЕН Дивоградбите се заштитени со коалиција на интереси
Од коалицијата најавија дека во наредниот период ќе излезат со конкретни податоци за, како што велат, сите диви градби поврзани со кланот на ДУИ во Сарај и Шуто Оризари.

Коалицијата ВЛЕН остро реагираше на обвинувањата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во врска со дивоградбите во општината Чаир. Од ВЛЕН сметаат дека со своите последни настапи, Апасиев само ја потврдил, како што ја нарекуваат, „скриената коалиција“ помеѓу Левица, ДУИ и градоначалничката Данела Арсовска.
„Димитар Апасиев јавно ѝ даде поддршка на Данела Арсовска за активности нарачани од ДУИ, кои се на штета на граѓаните на Чаир и Сарај. Со тоа само се бетонира соработката помеѓу Левица, ДУИ и Арсовска“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Според нив, целта на оваа соработка е да се затскријат дивоградбите кои, како што наведуваат, се изградени од бизнис интересите поврзани со „кланот на ДУИ“ во Скопје, Сарај и Шуто Оризари. Тие обвинуваат дека јавната реторика насочена против обични граѓани кои легализирале мали објекти, има за цел да го одврати вниманието од, како што велат, големите и нелегални градби на моќни структури.
Од коалицијата укажаа и на, според нив, партиската распределба на директорски места во јавните претпријатија меѓу кадри блиски до Блерим Беџети (ДУИ) и Левица.
„Фактот што улиците не се чистат, отпадот не се собира, а улиците не се мијат, особено во населби населени со Албанци, е резултат на оваа коалициска спрега“, обвинија од ВЛЕН.
Тие тврдат дека во Советот на Град Скопје е видлива заемна поддршка помеѓу Левица и ДУИ при гласањето за извештаите на директорите на јавните претпријатија.
„Коалицијата ја потврди и поранешниот заменик-градоначалник Александар Трајановски“, додаваат од ВЛЕН.
Во реакцијата се наведува и дека предизборните ветувања на Арсовска за општините Сарај и Чаир останале неисполнети, додека приоритет добиле, како што велат, вработувањата на кадри блиски до ДУИ и Левица.
„Арсовска пред јавноста ветуваше решавање на инфраструктурните проблеми во Сарај, изградба на кружен тек, поврзување на Кањонот Матка со автопатот – ништо од тоа не е реализирано. Во Чаир, ситуацијата е уште полоша. Булевари и паркови не се изградени, а ветувањата останаа само на хартија“, истакнуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата најавија дека во наредниот период ќе излезат со конкретни податоци за, како што велат, сите диви градби поврзани со кланот на ДУИ во Сарај и Шуто Оризари. Најавија и доставување на информации до институциите – МВР, Антикорупциска и Јавното обвинителство.
„Граѓаните на Скопје, Сарај и Чаир не смеат да бидат заложници на бизнис интересите на ДУИ и Данела Арсовска. Одговорност ќе има. Доста е од гнил систем на штета на Албанците“, порачаа од ВЛЕН.


