ОБВИНЕТ ЗА КРИМИНАЛ ОД 167 МИЛИОНИ ЕВРА Јахоски ужива слобода со гаранција, се шетал на Босфор
Тие се предмет на истрага за сомнителни набавки на мазут во вредност од над 160 милиони евра, реализирани за време на енергетската криза.

Сопственикот на компанијата „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, утрово се пријавил во Основниот кривичен суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување, потврдиле од судот за медиумите. Оваа мерка е дел од истражната постапка што се води против него за злоупотреби при набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Според владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Јахоски неодамна бил на патување надвор од државата. Во соопштението се наведува дека тој, и покрај обвиненијата за криминал тежок 167 милиони евра, моментално се наоѓа на Босфор, откако му бил одреден домашен притвор за перење пари и други приноси поврзани со набавка на мазут од сомнително потекло и квалитет.
Од Кривичниот суд информираат дека во мај одбраната на Јахоски поднела барање за враќање или издавање нова патна исправа, што било одбиено. По жалбата, предметот бил доставен до Апелациониот суд Скопје.
Портпаролот на Апелациониот суд, Љубиша Станковиќ, истакна дека судот не е надлежен за издавање патни исправи, но потврди дека донесените одлуки се во рамките на жалбената постапка на осомничениот.
На 6 мај, Апелациониот суд ја уважи жалбата на Јахоски и ја преиначи првичната одлука на Кривичниот суд, укинувајќи ја мерката притвор. Наместо тоа, му беше дозволено да се брани од слобода со гаранција – хипотека на недвижен имот во вредност од околу 986.540 евра и дополнителни 72 милиони денари во готово, во корист на државата.
Покрај тоа, судот му изрече и мерки на претпазливост – обврска редовно да се јавува во судот и забрана за користење и издавање нова патна исправа.
Јахоски е осомничен заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и со поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство.
Тие се предмет на истрага за сомнителни набавки на мазут во вредност од над 160 милиони евра, реализирани за време на енергетската криза.


