ОБВИНУВАЊА ОД АРСОВСКА Ганиу нелегално легализирал згради со по 50 станови
Таа тврди дека градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ја злоупотребил постапката за легализација и прекршил законски процедури.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, обвини дека во општина Чаир, наводно, биле легализирани згради со фалсификувани документи, при што некои од нив содржат и до 50 станови. Таа тврди дека градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ја злоупотребил постапката за легализација и прекршил законски процедури.
„На 20 март 2025 година, Ганиу незаконски легализирал згради од по 50 станови со фалсификувана документација. Додека обични граѓани со години не можат да легализираат ни гаражи и тераси од 20 квадрати, институциите молчат за овој случај,“ изјави Арсовска преку објава на социјалните мрежи, при што сподели и видео од нејзино гостување.
Таа нагласува дека Ганиу веќе неколку пати бил одбиен во обидите да легализира вкупно 150 објекти, бидејќи немал соодветна документација и објектите не ги исполнувале условите за легализација.
„Пред три години му беа испратени јасни инструкции – или да обезбеди законска документација, или да се урнат нелегално изградените објекти. Наместо тоа, се поднесувале фалсификувани документи во Катастар,“ рече Арсовска.
Според неа, по зголемените инциденти и запалени возила во Чаир, Ганиу вршел притисок за добивање легални документи за спорните објекти.
„Не можам за секоја зграда поединечно да излегувам во јавност. Треба системот да функционира, а не преку притисоци и фалсификати,“ додаде таа.
Од општина Чаир засега нема официјална реакција на обвинувањата.


