ONE STOP SHOP СИСТЕМОТ СО СРБИЈА СТАРТУВА ОВОЈ ПЕТОК НА ТАБАНОВЦЕ – Богородица добива три нови ленти
Според министерот, целта е да се скрати времето на чекање, кое во шпицот на сезоната често достигнува неколку часа.

На граничниот премин Богородица, Македонија ќе отвори две нови ленти за излез и една дополнителна лента за влез на товарни возила. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција, посветена на унапредување на сообраќајниот проток преку најфреквентната гранична точка со Грција.
Очекувањата се дека новите ленти значително ќе го олеснат метежот кој секоја година се создава во летниот период, кога илјадници туристи од регионот патуваат кон Грција. Според министерот, целта е да се скрати времето на чекање, кое во шпицот на сезоната често достигнува неколку часа.
Дополнително, Тошковски најави и долгорочна стратегија за пренасочување на товарниот сообраќај кон посебен граничен премин, што би овозможило уште поголемо растеретување на преминот Богородица. Сличен пристап, како што посочи министерот, веќе применува и грчката страна, каде што се планира целосна реконструкција на граничниот премин Евзони.
Со овие мерки, Македонија има за цел да го подобри искуството на патниците и транспортните компании, обезбедувајќи побрзо и поефикасно преминување на границата на најфреквентната балканска рута кон Грција.
Исто така, од овој петок, на граничниот премин Табановце – Прешево ќе почне да функционира интегрираниот граничен систем со Србија според моделот „One Stop Shop“. Од 4 јули, на овој премин ќе се врши само влезна контрола на луѓе и стоки, со што се очекува значително олеснување и забрзување на протокот.
„Со Србија, овој петок го пуштаме во функција интегрираниот систем со заедничка гранична контрола. Воедно, во тек се разговори со Албанија за воспоставување на истиот модел на два гранични премини“, рече Тошковски.
Македонија веќе има воспоставен „One Stop Shop“ со Косово на премините Блаце и Јажинце, но системот сè уште не е активен на Белановце.


