„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ На престижниот фестивал во Љутомер, Словенија
Фестивалот е познат по својата внимателно селектирана програма на фантастични и жанровски филмови, но и по уникатниот спој со винската култура.

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во сценарио и режија на Гоце Цветановски, ќе ја има својата фестивалска проекција на 21. издание на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Љутомер, Словенија. Филмот ќе биде прикажан во сабота, 5 јули, во Домот на културата.
Цветановски вели дека фестивалот има особено значење за него: „Во 2016 година бев гостин со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан – продуцентот на Стенли Кјубрик. Влијанието на Кјубрик може да се препознае во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’.“
Фестивалот е познат по својата внимателно селектирана програма на фантастични и жанровски филмови, но и по уникатниот спој со винската култура. За време на настаните, посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина, создавајќи посебна атмосфера која ги поврзува уметноста и гастрономијата.
Grossmann фестивалот е член на Европската асоцијација на фантастични филмски фестивали (EFFFF) и ја доделува престижната Мелиес награда за најдобар европски фантастичен филм. Настапот на „Јон Вардар“ претставува значаен момент за македонската анимација на европската сцена.


