ЃОКЕРЕШ ВО ЦРВЕНО-БЕЛОТО СЕМЕЈСТВО Арсенал го ангажираше најдобриот напаѓач минатата сезона

Арсенал официјално го претстави Виктор Ѓокереш како најново засилување за нападот. 27-годишниот шведски голгетер денеска ги помина медицинските тестови во Лондон и стави потпис на договор со лондонскиот гигант.
Најголема радост по неговото пристигнување изрази менаџерот Микел Артета, кој верува дека конечно добил играч што може да гарантира 20 или повеќе голови по сезона.
„Воодушевени сме што го пречекуваме во клубот. Неговите голови зборуваат сами за себе. Брз е, силен, има неверојатни бројки и носи многу квалитет. Возбудени сме од она што може да ни го донесе. Нему и на неговото семејство им посакуваме добредојде во Арсенал,“ изјави Артета.
Ѓокереш ќе го носи легендарниот дрес со број 14 – број што го носеше и Тиери Анри, еден од најдобрите играчи во историјата на клубот.
Минатата сезона во дресот на Спортинг, Ѓокереш постигна импресивни 54 голови на 52 натпревари, што ја оправдува довербата и инвестицијата на Арсенал. За неговиот трансфер, „топчиите“ платија 63,5 милиони евра, со можност за дополнителни 10 милиони преку бонуси.


