ОКЕАНИТЕ ПРЕПЛАВЕНИ СО НАНОПАЛСТИКА: Ново истражување открива драматично високи концентрации
Истражувачкиот тим повикува на глобално дејствување, вклучително и заострување на политиките за управување со отпад и редизајн на синтетички материјали за да се минимизира распаѓањето на пластиката на микро и наночестички.

Ново истражување покажува дека количината нанопластика во горните слоеви на Атлантскиот Океан е многу поголема отколку што се претпоставувало досега. Научниците утврдиле дека честичките се присутни во просек со 18,1 милиграми по кубен метар вода на длабочина од само 10 метри – ниво што алармира за сериозни еколошки и здравствени последици.
Нанопластиката, дефинирана како пластични честички помали од една илјадитинка од милиметар, била откриена на 12 различни истражувачки локации низ Атлантикот. Највисока концентрација е измерена во близина на европските брегови, каде што достигнала до 25 милиграми по кубен метар. Дури и на морското дно, каде досега се сметаше дека загадувањето е помало, се регистрирани 5,5 милиграми.
Професорот Хелге Ниман од Холандскиот кралски институт за морски истражувања (NIOZ) предупреди дека овие микроскопски честички можат да навлезат во сите делови од живиот свет – вклучувајќи и човечкото тело.
„Нанопластиката може да продре дури и во мозочното ткиво. Сега кога знаеме дека е присутна насекаде во океаните, станува јасно дека е дел од целиот екосистем – од бактериите, преку планктонот, до рибите и луѓето“, изјави Ниман.
Според научниците, нанопластичните честички се особено опасни бидејќи нивната големина ги прави речиси невозможно отстранливи од водата. Затоа, апелираат дека е од клучно значење да се спречи понатамошно загадување, бидејќи еднаш внесени во морската средина, остануваат таму трајно.
Истражувачкиот тим повикува на глобално дејствување, вклучително и заострување на политиките за управување со отпад и редизајн на синтетички материјали за да се минимизира распаѓањето на пластиката на микро и наночестички.
Оваа студија е прва што со голема прецизност ги мери нанопластичните нивоа на отворено море и се смета за повик за будење за сите креатори на политики, индустријата и општеството во целина. Ако не се преземат итни мерки, загадувањето со нанопластика би можело да стане едно од најтешките наследства на нашата ера.


