ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ДОБИВА НОВ ЛИК – Ќе привлече уште повеќе летови
Првата голема реконструкција по 70 години целосно ќе промени условите за патници и ќе го направи Охрид важна транспортна и туристичка точка во регионот.

Денеска официјално започна првата поголема реконструкција на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Аеродромот, изграден во 1952 година, досега минувал само низ помали интервенции, последната модернизација се случи во 2011 година. Според надлежните, реконструкцијата ќе овозможи значително подобрување на условите за патници и зголемување на бројот на летови. Министерот Николоски нагласи дека објектот до неодамна не бил целосно легализиран, што го ограничувало развојот.
Во моментов, охридскиот аеродром опслужува десетици, главно сезонски, летови кон европски градови. Со новата реконструкција, се очекува да се зголеми неговата атрактивност и да се привлечат нови авиолинии, со цел Охрид да стане уште посилен туристички и транспортен центар во регионот.
