ОГРОМНА НЕПРАВДА Орбан за односот на ЕУ кон Србија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изрази силно незадоволство поради начинот на кој Европската унија се однесува кон Србија, нарекувајќи го тоа “срамотно”. Во изјавата пред предстоечкиот самит на ЕУ и земјите од Западен Балкан, Орбан нагласи дека Србија е клучна за стабилноста на регионот и дека без неа, напредокот е невозможен.
Според Орбан, Западниот Балкан е “економска златна резерва” за ЕУ, а Србија игра централна улога во одржувањето на мирот и безбедноста во Европа, особено во контекст на мигрантските кризи. “Без Србија, ништо не може да се постигне. Начинот на кој се третира Србија е неприфатлив и неправеден”, изјави Орбан.
Тој истакна дека Србија претставува повеќе од една третина од населението на регионот и дека економските врски на Западниот Балкан со Србија се значајни. “Околу две третини од извозот на регионот е поврзано со Србија”, додаде тој.
Орбан повика на приоритетно членство на Србија во ЕУ, нагласувајќи дека тоа е клучно за решавање на актуелните предизвици. “Треба да ја примиме Србија во нашите редови пред да продолжиме со проширувањето на ЕУ”, рече тој, истакнувајќи дека сегашниот пристап е погрешен и неприфатлив.
Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека Србија нема да присуствува на самитот во Брисел, наведувајќи дека не сака да биде под притисок. Сепак, тој повтори дека Србија останува посветена на своето членство во Европската унија.


