ОДЛОЖЕНО РОЧИШТЕТО ЗА ОНКОЛОГИЈА Нови адвокати и барање за пренесување на надлежност до државниот обвинител Коцевски

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката се води и друг предмет за злоупотреба на службена положба и проневера со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

ОДЛОЖЕНО РОЧИШТЕТО ЗА ОНКОЛОГИЈА Нови адвокати и барање за пренесување на надлежност до државниот обвинител Коцевски
Фото: Национал

Судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и уште двајца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти е одложено за 8 октомври. Одбраната на Васев побара државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе случајот или да го делегира на друго обвинителство.

Судијката Снежана Марковска соопшти дека поради поднесеното барање мора да се почека одлука од јавниот обвинител на РСМ, поради што не се исполнети условите за одржување на расправата.

Адвокатот Спиро Ристовски, нов бранител на Васев заедно со Дељо Кадиев, пред рочиштето достави до Судот барање за пренесување на надлежноста од ОЈО Скопје на државниот јавен обвинител. Јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска побара одложување бидејќи, како што рече, не може да се изјасни пред да биде проследено барањето до надлежните органи.

Денеска требаше да продолжи сослушувањето на сведоци предложени од Обвинителството.

Обвинението ги товари Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување. Кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.

Во постапката беше опфатена и Мери Пешевска, која ја призна вината и доби две години условна казна.

Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката се води и друг предмет за злоупотреба на службена положба и проневера со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

CATEGORIES
Share This