ОДЛОЖЕНА ПРИМЕНА – Законот за пушење нема да стартува на 1 март

Казнените мерки ќе бидат одложени, а во почетокот ќе се применуваат опомени и едукација.

ОДЛОЖЕНА ПРИМЕНА – Законот за пушење нема да стартува на 1 март
Фото: Принтскрин

Примената на новиот Закон за заштита од пушење најверојатно нема да започне на 1 март, како што беше првично предвидено. Наместо тоа, властите планираат фазна имплементација, при што во почетниот период ќе се стави акцент на едукација и изрекување опомени, додека казнените мерки ќе бидат воведени подоцна.

Државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, изјави дека разговорите со сите засегнати страни сè уште се во тек и дека законското решение ќе биде дополнително прецизирано пред да стапи во сила.

„Не станува збор за повлекување, туку за фазна примена. Во дијалог со јавноста и бизнис заедницата одлучивме да пристапиме со помек модел. Првично ќе следуваат опомени и едукација како дел од процесот на усогласување. Дали оваа фаза ќе трае три, шест или осум месеци, засега не можеме точно да утврдиме“, посочи Грбчевски.

Угостителите, пак, ја поддржуваат идејата за регулирање на пушењето, но инсистираат на подолг преоден период. Според нив, неопходни се најмалку три години постепена адаптација пред започнување со казни, за да се ублажат можните економски последици.

Тие предупредуваат дека пребрзата примена може да резултира со затворање на угостителски објекти и губење работни места. Воедно оценуваат дека предложеното решение е меѓу најстрогите, изработено по примерот на земји како Шпанија и Словенија, каде стапката на пушачи е значително пониска. Според нивни проценки, во Македонија пушачи се меѓу 60 и 65 проценти од населението, што дополнително ја усложнува имплементацијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This