ОДБРОЈУВАЊЕТО ПОЧНУВА Локални избори на 19 октомври, втор круг на 2 ноември

Кандидатските листи ќе се потврдуваат најдоцна 30 дена пред изборите, а официјалната кампања ќе започне 20 дена пред гласањето.

ОДБРОЈУВАЊЕТО ПОЧНУВА Локални избори на 19 октомври, втор круг на 2 ноември
Фото: Принтскрин

Почнуваат роковите за локалните избори – гласање на 19 октомври

Овој викенд се очекува претседателот на Собранието да ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 19 октомври, со евентуален втор круг на 2 ноември. Ќе се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

Според Изборниот законик, веднаш по распишувањето, Државната изборна комисија (ДИК) ќе го објави календарот со изборни рокови и ќе ја интензивира подготовката на избирачката администрација. За спроведување на изборите ќе бидат ангажирани 21.000 административци во избирачките одбори, како и 14.000 партиски предложени членови, кои ќе поминат обука во септември.

Увидот во Избирачкиот список започнува 15 дена по распишувањето и ќе трае 20 дена. Дијаспората нема да гласа, освен доколку лично допатува.

Буџетот за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголем дел се наменети за медиумска кампања и логистика. Министерството за финансии ќе мора јавно да ги објавува трошоците за време на изборниот период.

Кандидатските листи ќе се потврдуваат најдоцна 30 дена пред изборите, а официјалната кампања ќе започне 20 дена пред гласањето. Иако некои кандидати веќе се активни, од ДИК појаснуваат дека сè уште не станува збор за формална кампања.

Ова ќе бидат осми локални избори од независноста наваму – досега избори се одржани во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This