ОДБРАНАТА ВО СЛУЧАЈОТ ПУЛС БАРА – Истата правна логика треба да се примени и во овој случај

Судијката Груевска Илиевска нагласи дека судењето продолжува додека не пристигне формален став од Обвинителството.

ОДБРАНАТА ВО СЛУЧАЈОТ ПУЛС БАРА – Истата правна логика треба да се примени и во овој случај
Фото: Национал

Денеска продолжува судењето за трагедијата во „Пулс“. Адвокатот Петре Шилегов побара Обвинителството да го преиспита својот пристап во предметот и да повлече дел од обвиненијата, нагласувајќи дека постапката создава непотребни трошоци за државата и може да се темели на правно нецврсти основи. Како клучен аргумент, тој се повика на најновиот брифинг на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Шилегов објасни дека во одлука на ГОКК за ист кривично-правен настан, истрагата против седум полициски службеници била запрена за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Во образложението било констатирано дека нема директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето и настанатите последици, поради што евентуалната одговорност можела да се разгледува само како „злоупотреба на службена положба“ – за кое, меѓутоа, веќе настапила застареност.

Одбраната истакна дека истата правна логика треба да се примени и во овој предмет.

„Постои очигледна неусогласеност во ставовите. Апелирам до судот и до обвинителството сериозно да ја преиспитаат позицијата и за дел од обвинетите да се повлече обвинението“, рече Шилегов.

Претседателката на судечкиот совет, судијката Диана Груевска Илиевска, потврди дека Судот е запознаен со брифингот и побарал официјална одлука, но нагласи дека постапката не може да запре додека надлежното обвинителство не се изјасни.

„Судот се интересираше за содржината на брифингот, но додека нема формален став од обвинителството, судењето мора да продолжи“, додаде таа.

Обвинителот Борче Јанев реагираше дека споредбите со одлуките на ГОКК се неосновани и преуранети. Тој посочи дека Обвинителството сè уште нема целосен увид во тие одлуки, дека актуелниот предмет се однесува на лица со поинакви овластувања, а не на полициски службеници, и дека одлуките на ГОКК не се конечни и можат да бидат предмет на жалба од оштетените.

Судењето продолжи, а судот најави дека ќе постапува по предметот додека не биде доставен официјален став од надлежното обвинителство.

CATEGORIES
Share This