ОДБРАНАТА ТВРДИ – Ова дело не важи за судии, заѕиданите 350.000 евра не се на судијата Ристов
Адвокатот наведува дека Обвинителството погрешно го толкува законот и дека нема основ за кривично гонење на судија

Адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на апелациониот судија Ѓоко Ристов, кој се наоѓа во куќен притвор, изјави дека истрагата за противправно стекнување и прикривање имот е правно спорна и неприменлива во случај на судија.
Во телевизиска изјава, Давидовиќ посочи дека одредбата од Кривичниот законик на која се повикува Обвинителството се однесува исклучиво на одговорни или службени лица во јавни установи, јавни претпријатија или органи кои управуваат со државен имот, а судската власт, според него, не спаѓа во таа категорија.
Тој нагласи дека истата правна логика не може да се примени ниту врз судии ниту врз обвинители, што, како што рече, отвора сериозна дилема околу правилната правна квалификација на делото.
Како клучен доказ во предметот, Обвинителството ги наведува 350 илјади евра пронајдени во домот на родителите на Ристов. Сепак, Давидовиќ тврди дека, според записникот од извршениот претрес, парите биле пријавени како лични средства на неговите родители, што, како што истакна, го потврдува и самата обвинителка.
„350 илјади евра беа пронајдени кај неговите родители, кои во записникот изјавиле дека станува збор за нивни лични средства“, изјави Давидовиќ.

