ОДБРАНАТА РЕАГИРА ЗА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Немаме обвинение, а се бара воведен говор

Адвокатите тврдат дека обвинетите не го добиле интегрираниот текст на обвинението и бараат Судот најпрво да се произнесе по овој пропуст.

ОДБРАНАТА РЕАГИРА ЗА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Немаме обвинение, а се бара воведен говор
Фото: Национал

Судот даде пауза од половина час на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој трагично загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а повеќе од 200 беа повредени. Пауза беше побарана откако одбраната на дел од обвинетите реагираше дека не го добиле изменетото обвинение, иако од нив се очекува да дадат воведни зборови.

Според адвокатите, невозможно е обвинетите да се изјаснат за вина и да дадат воведни излагања за текст што воопшто не им е доставен. Тие побараа Судот најпрво да се произнесе по ова прашање, па дури потоа да се продолжи со постапката.

„Најголемиот дел од обвинетите воопшто го немаат добиено интегрираниот текст на обвинението, а се очекува да дадат воведни зборови. Бараме Судот прво да го расчисти ова, па во зависност од одлуката ќе знаеме како ќе продолжиме“, изјави еден од бранителите.

Одбраната укажа и дека доказната документација е „целосно несредена и хаотична“ и побара сите докази да им бидат официјално доставени.

Судијката Диана Груевска Илиевска одговори дека Судот смета оти нормално е обвинетите преку своите бранители да ги имаат добиено сите материјали, потсетувајќи дека на минатото рочиште биле побарани електронски адреси за доставување на документацијата.

„Сметаме дека преку бранителите сите треба да го имаат текстот, но ако некој навистина не го добил, ќе се потрудиме да го доставиме преку Судот“, рече судијката.

Рочиштето во судницата во Идризово денеска продолжува со изјаснување за вина и воведни зборови на одбраната. На претходното рочиште, обвинителството во воведниот говор порача дека бара персонална одговорност по име и презиме – за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.

CATEGORIES
TAGS
Share This