ОДБРАНАТА НА ЗАХАРИЕВ Не е виновен, туку херој кој спасувал животи во хаосот во дискотеката
Одбраната тврди дека тој не бил дел од обезбедувањето на влезот и дошол откако пиротехниката веќе била внесена.

На денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“ во Идризово, адвокатот Зоран Зафировски го презентираше случајот на Лазар Захариев, припадник на приватната агенција за обезбедување „Рубикон“, како пример на човек кој во кобната ноќ се обидел да спаси животи. Одбраната истакна дека Захариев не е причинител на трагедијата, туку дека во хаосот се борел да извлече што повеќе млади на безбедно.
Зафировски посочи дека обвинението го прикажува погрешно неговото учество. Според адвокатот, Захариев не бил дел од обезбедувањето кое ја контролирало влезната врата, туку дошол откако пиротехниката веќе била внесена во дискотеката. Тој бил ангажиран на патрола на повеќе локации, а не како стационарно обезбедување во „Пулс“. Дополнително, таа вечер не носел рефлектирачки елек бидејќи никој не го информирал дека ќе се одржува концерт.
Адвокатот го истакна и херојското однесување на Захариев:
„Тој е херој во моите очи. Им го проверувал пулсот, се обидувал да ги реанимира и подигнал две врати кои биле паднати врз луѓето. Сето ова го направил откако и самиот бил натрупан со луѓе.“
Одбраната најави дека ќе повика повеќе од 20 млади лица кои ќе сведочат дека токму Захариев им помогнал да излезат живи од дискотеката.
Обвинителството го товари Захариев за тоа што не го спречил внесувањето пиротехника, а истовремено го наведува и како оштетен, со констатација дека во пожарот се здобил со инхалациона повреда. Одбраната го користи ова како аргумент дека Захариев бил внатре во објектот како спасувач, а не како лице кое дозволило прекршок.
Захариев, накратко и видливо потресен, се обрати пред судот:
„Криво ми е што на кобниот ден не можев да спасам повеќе луѓе.“
Тој е обвинет за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, исто како и другите обвинети во делот поврзан со пропусти во безбедносните стандарди на дискотеката.


