ОДБРАНАТА ГО ОСПОРУВА ОБВИНЕНИЕТО Градоначалниците не се инспектори и немаат вина за „Пулс“

Обвинението против поранешните градоначалници на Кочани е правен преседан, државните инспекторати единствени надлежни за контрола на „Пулс“ - тврдат адвокатите

ОДБРАНАТА ГО ОСПОРУВА ОБВИНЕНИЕТО Градоначалниците не се инспектори и немаат вина за „Пулс“

На денешното рочиште за случајот со трагедијата во дискотеката „Пулс„ во Кочани, одбраната на обвинетите поранешни градоначалници на Кочани – Николчо Илијев и Љупчо Папазов слично како и тимот на ексградоначалникот Ратко Димитровски, истакна дека локалната самоуправа немала никакви ингеренции во врска со дискотеката „Пулс“, чија надлежност, според нив, целосно е во рацете на државните институции и инспекторати.

Адвокатите тврдат дека обвинението се темели на нецелосна истрага, без докази кои директно ги поврзуваат нивните клиенти со трагедијата. Тие потенцираат дека градоначалниците постапувале согласно сите законски обврски, а „неправедната пресуда би претставувала втора трагедија“. Одбраната побара од Јавното обвинителство да го повлече обвинението.

Адвокатот Синиша Станковиќ, бранител на Николчо Илијев, кој ја вршел функцијата градоначалник од 2017 до 2021 година, во воведниот говор истакна дека обвинителниот акт не содржи јасни докази врз кои се темели обвинението:

„Наместо Обвинителството да ја докажува вината, обвинетиот е приморан да ја докажува својата невиност. Истрагата е нецелосна, не е обезбеден ниту еден релевантен факт против Илијев, а постапката започна три и пол години по завршувањето на неговиот мандат. Никогаш не бил известен за постоењето на кабарето, ниту имал контакт со сопственикот“, рече Станковиќ.

Тој додаде дека во текот на главната расправа ќе се докаже дека Илијев постапувал исклучиво во согласност со законите:

„Не повредил ниту една императивна норма и не ја злоупотребил службената должност. Таквите факти ја исклучуваат можноста за какво било соизвршителство.“

Станковиќ потсети и дека речиси половина од мандатот на Илијев угостителските објекти во државата не работеле поради пандемијата.

Бранителот на Љупчо Папазов, кој беше градоначалник од 2021 до 2024 година, исто така изрази сочувство до семејствата на жртвите, но нагласи дека презумпцијата на невиност мора да остане основен принцип.

„Процесот е обременет со огромна трагедија, но одговорноста мора да биде индивидуална и поткрепена со јасна причинско-последична врска, а не со колективен гнев“, рече адвокатот Миле Левков.

Тој наведе дека пропустите во случајот се последица на институционални слабости, а не на одлуки донесени од градоначалниците.

Во однос на изјавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски, кој како примери спомена три трагични пожари во странски клубови, Левков истакна дека токму во тие случаи одговорноста била утврдена единствено за директните причинители.

„Целосната прес-конференција е повлечена од медиумите, можеби поради токму тој факт“, додаде тој.

Левков ги осуди, како што рече, „правните гимнастики“ кои имаат цел да ги задоволат очекувањата на дел од јавноста:

„Емоциите се моќни, но не се доказ. Ако јавниот притисок ја замени доказната постапка, ќе се донесе неправедна пресуда.“

Според одбраната, Папазов ниту презел ниту пропуштил дејствија што можеле да доведат до пожарот, бидејќи градоначалникот не е градежен, пазарен или противпожарен инспектор и не располага со ад хок овластувања за утврдување пропусти во објекти.

Папазов изјави дека на критичниот ден целосно ја мобилизирал општинската администрација и се ставил на располагање на сите служби, а оставката ја поднел од морални причини.

Одбраната на поранешниот градоначалник Ратко Димитровски претходно нагласи дека обвинението е правен преседан, особено во делот на утврдување на причинско-последичната врска. Според нив, Димитровски не само што немал умисла, туку и прв реагирал – поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотеката уште пред нејзиното отворање.

CATEGORIES
TAGS
Share This