ОДБИЕНА БОГАТА ПОНУДА Вардар кажа “Не” на Хартс за Мато

ОДБИЕНА БОГАТА ПОНУДА Вардар кажа “Не” на Хартс за Мато

Раководството на ФК Вардар решително ја одби понудата од шкотскиот клуб Хартс за напаѓачот Кассим Рогерс Мато, која изнесувала околу 350 илјади евра, дознаваат спортските кругови.

Иако финансиски солидна, понудата не била предмет на подлабока анализа, бидејќи управата и стручниот штаб на „црвено-црните“ се целосно фокусирани на амбициозните цели за продолжението на сезоната.

Во клубот јасно ставаат до знаење дека приоритет е освојување на двојната круна во домашното првенство, како и значително поконкурентен настап во претстојните европски квалификации. Токму поради тоа, продажбата на најдобриот стрелец во лигата во овој момент не доаѓа предвид.

Мато зад себе има одлична полусезона, во која постигна 12 голови во Првата македонска фудбалска лига, што го прави еден од клучните адути во нападот на Вардар.

Дополнителна позитивна вест за навивачите е што Кассим Рогерс Мато целосно се опорави од повредата на стапалото, поради која пропушти неколку натпревари. Напаѓачот веќе тренира со полн интензитет и се очекува да биде целосно подготвен за стартот на пролетниот дел од сезоната во Првата МФЛ.

Во Вардар веруваат дека неговото присуство и форма ќе бидат клучни во борбата за титулите и исполнување на високите амбиции на клубот.

CATEGORIES
Share This