ОД ЗАБАВА ДО БОРБА ЗА ВОЗДУХ – Како изгледал пожарот во „Пулс“ според сведоците
Гостите во првите моменти мислеле дека станува збор за анимација, додека плафонот веќе горел

Судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека Пулс продолжи денеска со сведочење на Горан Тонев, музичар и надворешен соработник на групата ДНК, кој во критичниот момент се наоѓал на бината.
Тонев пред судот ги опиша драматичните и застрашувачки моменти при избивањето на пожарот, нагласувајќи дека огнот и густиот чад се ширеле со екстремна брзина. Тој изјави дека пиротехничките средства биле поставени на бината уште пред почетокот на настапот, но не знае кој ги донел ниту кој ги монтирал.
„Пожарот избувна над бината. Се симнав по скалите и се упатив кон излезот, но огнот се ширеше многу брзо. Од сунѓерите капеа врели, црни капки, беше исклучително жешко и задушливо, не можев да дишам. Кога погледнав нагоре, огнот беше над мојата глава“, сведочеше Тонев, додавајќи дека се здобил со повреди од растопениот материјал.
Поради тешките изгореници на дишните патишта и телото, тој се лекувал во Солун и нагласи дека сè уште не е во можност да ја извршува својата работа како гитарист.
На судењето сведочеше и 20-годишниот Алберто Миладинов од Кочани, чест посетител на дискотеката. Тој изјави дека во објектот постоел само еден влез и дека никогаш не му била побарана лична карта, иако ја посетувал дискотеката уште од 16-годишна возраст.
Миладинов потврди дека на кобната вечер платил влезница од 500 денари, без да добие фискална сметка, како и дека сметки не се издавале ниту за пијалоците. Според него, во дискотеката често имало настапи со оган, а полицијата доаѓала на рации, по што малолетниците навреме се тргале.
„Прскалките на бината се активираа околу 2:32 часот. Го знам тоа затоа што снимав видео за Инстаграм. Во последните секунди од нивното прскање се запали плафонот и од таму започна сè“, рече сведокот, додавајќи дека во почетокот мислеле дека станува збор за дел од програмата.
Ситуацијата станала сериозна кога пејачот Андреј од бендот повикал сите да ја напуштат дискотеката. Настанал хаос, со турканици и гужва кај излезот, а Миладинов речиси ја изгубил свеста меѓу двете врати, по што бил извлечен надвор од неколку лица.
Тој истакна дека не видел дали некој користел противпожарен апарат, ниту дали полицијата влегла во објектот пред пожарот, иако подоцна во исказот даден во Јавното обвинителство навел поинакви детали, за што пред судот објасни дека сеќавањата му се избледени поради поминатото време.
Миладинов изјави дека не се приклучува кон кривичниот прогон, а неговиот другар, кого успеал да го извлече од гужвата, се здобил со скршеници на ногата.


