ОД СКОПЈЕ ДО БРИСЕЛ – Цените на станоивте сосилен раст
Цените во Скопје пораснале за околу 25 отсто на годишно ниво, додека новоградбите во Охрид достигнуваат и до 3.500 евра за квадрат

Национал направи анализа на цените на становите во Македонија и во земји членки на ЕУ кои покажуваат зголемен раст.
Во Македонија анализите покажуваат дека растот на цените на недвижностите сè потешко може да се следи со растот на платите и заштедите. Најновите податоци за пазарот на недвижности покажуваат дека во четвртиот квартал од 2025 година цените на становите во Скопје пораснале за околу 25 отсто на годишно ниво, продолжувајќи го силниот тренд забележан и во третиот квартал.
На пимер, стан од 91 квадратен метар во Општина Центар бил продаден за 280.000 евра, односно за околу 3.000 евра по квадрат. Во исто време, во Охрид, на најатрактивните локации покрај езерото и во централното градско подрачје, цените на новоградбите достигнуваат и до 3.500 евра за квадратен метар.
Еден од клучните индикатори за движењата на пазарот е индексот на цените на недвижности што го објавува Народната банка. Дел од анализите укажуваат дека, иако во одредени периоди градежните трошоци покажуваат знаци на стабилизација или дури и благо намалување, цените на становите продолжуваат да растат. Ова го отвора прашањето за висината на маржите, но и за структурата и квалитетот на понудата на пазарот.
Дополнителна нијанса внесува и методологијата на пресметка. Според достапните информации, индексот се темели на податоци од огласи за продажба на станови на територијата на Скопје, што значи дека состојбата во другите градови може да има поинаква динамика. Воедно, просеците често ги „креваат“ токму најатрактивните и најскапи зони.
Од градежниот сектор се најавува зголемување на понудата и можност за постепено усогласување меѓу понудата и побарувачката. Сепак, сигналите од теренот засега се мешани: интересот за купување не бележи значителен пад, а цените остануваат високи.
Слични трендови се забележуваат и на европско ниво. Пазарот на недвижности во Европската Унија во третиот квартал од 2025 година регистрира значителен раст, при што цените на становите пораснале за 5,5 отсто на годишно ниво, додека станарините се зголемиле за 3,1 отсто.
Според податоците на Евростат, објавени денеска, поскапувањето продолжува и на квартално ниво. Во однос на вториот квартал од 2025 година, цените на недвижностите се повисоки за 1,6 отсто, а кириите за 0,9 отсто.
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во Европската Унија во просек пораснале за 63,6 отсто, додека закупнините се зголемиле за 21,1 отсто. Додека кириите во изминатата деценија бележат релативно стабилен раст, кај цените на становите се забележуваат фази на стагнација, проследени со периоди на исклучително брз раст.
Најголем „рекордер“ по поскапување е Унгарија, каде цените на становите од 2015 година наваму пораснале за дури 275 отсто. Покрај неа, во уште 11 земји цените се најмалку двојно зголемени, а меѓу оние со највисок раст се Португалија, Литванија и Бугарија, со пораст над 150 отсто.
Единствен исклучок е Финска, каде цените на недвижностите денес се за околу два отсто пониски во споредба со пред една деценија. И кај кириите најтешка е состојбата во Унгарија, со раст од 107 отсто, додека значителни зголемувања се регистрирани и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска.


