ОД САБОТА НОВИ АВИОЛИНИИ ОД СКОПЈЕ ДО БАРСЕЛОНА И ЛИОН, СЕ ПЛАНИРА И ДУБАИ Ќе има и бесплатни билети преку наградна игра

Првиот лет кон Барселона е закажан за сабота, 3 мај, со поаѓање во 18:50 часот. Во чест на враќањето на линијата, двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку наградна игра на социјалните мрежи.

ОД САБОТА НОВИ АВИОЛИНИИ ОД СКОПЈЕ ДО БАРСЕЛОНА И ЛИОН, СЕ ПЛАНИРА И ДУБАИ Ќе има и бесплатни билети преку наградна игра

По тригодишна пауза, од 3 мај повторно се воспоставува директна авионска врска меѓу Скопје и Барселона, а истовремено Меѓународниот аеродром Скопје првпат ќе биде поврзан и со Лион. Летовите ќе ги извршува авиокомпанијата „Виз Ер“, со финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија.

Како што беше соопштено на денешната прес-конференција на ТАВ Македонија и „Виз Ер“, линијата Скопје – Барселона ќе оперира двапати неделно, во вторник и сабота, додека летовите кон Лион ќе се реализираат трипати неделно – во вторник, четврток и сабота.

Првиот лет кон Барселона е закажан за сабота, 3 мај, со поаѓање во 18:50 часот. Во чест на враќањето на линијата, двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку наградна игра на социјалните мрежи.

„По тригодишна пауза, повторно ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери – Владата и Виз Ер“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Курт нагласи дека воспоставувањето на линијата кон Лион е особено значајно, имајќи предвид дека станува збор за град под заштита на УНЕСКО и родно место на кинематографијата, познат и по својата богата гастрономска понуда.

Дополнително, беше најавено проширување на мрежата на дестинации од Скопје, со воведување на линии кон шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на летот кон Ларнака (Кипар), како и воспоставување директни линии кон Прага и Мадрид.

Во врска со најавениот лет Скопје – Дубаи, кој требаше да започне крајот на март под оперирање на „Флајдубаи“, беше информирано дека неговото започнување е одложено за есенва со финансиска поддршка од Владата.

Раководството на ТАВ Македонија очекува дополнителен раст на бројот на патници, поттикнат од најавеното олеснување на визниот режим од страна на Владата.

CATEGORIES
Share This