ОД ПОЛИТИКА ДО БИЗНИС – Владо Бучковски станува бизнисмен
Поранешниот премиер и министер за одбрана ја потврди новата деловна соработка со семејството Коруноски

Поранешниот премиер и специјален владин претставник за подобрување на односите со Бугарија, Владо Бучковски, од неодамна започна и бизнис кариера.
Од пред Нова година, Бучковски е единствен сопственик на фирмата „Хербос Дооел Скопје“, која беше регистрирана на почетокот од 2025 година од Ристо Коруноски. Управител на фирмата е Елисавета Коваческа Коруноска, а регистрираната дејност е трговија на големо со пијалаци.
Бучковски потврди дека компанијата ќе работи во рамките на трговија, посредништво и консалтинг, без да навлезе во дополнителни детали.
„По долгогодишно пријателство, сега со семејството Коруноски започнуваме деловна соработка со многу амбициозна агенда. Но, чекор по чекор“, изјави поранешниот премиер.
Бучковски е доктор по правни науки и долгогодишен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Функцијата министер за одбрана ја извршуваше за време на вооружениот конфликт во 2001 година, а од 2004 до 2006 беше претседател на Владата.
По заминувањето од премиерската функција, тој се повлече од активната партиска политика и се посвети на академската работа. Сепак, остана присутен во јавноста преку анализи и коментари за политичките и правните процеси во земјата. Во последните години беше ангажиран како специјален пратеник за односите меѓу Македонија и Бугарија, што повторно го врати во центарот на вниманието.
Последен пат јавноста го слушна кога ги коментираше резултатите од локалните избори. За својата матична партија СДСМ, тој рече дека треба да ѝ се даде шанса на раководството, но и да се направи анализа за падот на рејтингот.


