ОД ОЛИМПИСКА СЛАВА ДО АУКЦИЈА – Зошто спортистите ги продаваат своите медали

Олимписката опрема, факелите и медалите од Милано–Кортина 2026 достигнуваат рекордни цени на аукциите

ОД ОЛИМПИСКА СЛАВА ДО АУКЦИЈА – Зошто спортистите ги продаваат своите медали
Фото: Принтскрин

Некои спортисти кои настапија на Зимските олимписки игри во Милано-Кортина 2026 веќе почнаа да продаваат дел од опремата и сувенирите што ги добија на Игрите, а цените достигнуваат стотици, па дури и десетици илјади долари.

Американската сноубордерка Хана Норман преку „ТикТок“ им соопшти на своите следбеници дека планира да продаде дел од олимписката опрема, меѓу кои јакни и панталони добиени од Ralph Lauren и Nike. Таа објасни дека се решила на овој чекор затоа што просечната заработка на професионален сноубордер е, како што вели, „практично ништо“.

Не се продава само тренинг-опрема. Холандската брзолизгачка Јута Лирдам го понуди на продажба костимот што го носеше на натпреварите, со почетна цена од околу 9.000 долари.

Аукциската куќа RR Auction, специјализирана за олимписки сувенири, веќе продаде два значајни предмети од Игрите во Италија – факел од штафетата на олимпискиот пламен за речиси 35.000 долари и керамички сад од церемонијата на палење на пламенот за околу 5.000 долари.

Канадската машка хокеарска репрезентација исто така ги стави на аукција дресовите носени на турнирот. Дресот што го носел Конор Мекдејвид, капитен на Едмонтон Ојлерс, бил продаден за дури 65.000 долари.

Според експертите, највисока цена постигнуваат олимписките медали. Боби Итон од RR Auction вели дека медал од Игрите во Милано и Кортина може да достигне вредност од 60.000 до 80.000 долари доколку се продаде веднаш по завршувањето на Олимпијадата. Причината е ограничената понуда и зголемениот интерес веднаш по Игрите.

Дополнителен фактор е и порастот на цените на златото и среброто, што годинава дополнително ја зголемува вредноста на медалите.

Историјата покажува дека ваквите продажби можат да донесат огромен профит. Американскиот пливач Рајан Лохте, 12-кратен олимписки медалист, наводно продал три златни медали за 385.520 долари, а во 2022 година уште шест медали, три сребрени и три бронзени за вкупно 166.000 долари.

CATEGORIES
Share This