ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ УВЕРУВААТ Парите од поврат на ДДВ ќе легнат до крајот на месецот

Погрешни или неажурирани трансакциски сметки најчесто стојат зад доцнењето.

ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ УВЕРУВААТ Парите од поврат на ДДВ ќе легнат до крајот на месецот
Фото: Принтскрин

Иако ноември е при крај, дел од граѓаните сè уште не го добиле повратот од скенираните фискални сметки преку проектот „Мој ДДВ“. Од Министерството за финансии уверуваат дека средствата ќе бидат исплатени најдоцна до крајот на месецот.

Оттаму потсетуваат дека исплатата на повратот се врши во рок од 60 дена по завршување на кварталот. За третиот квартал (јули-септември), законскиот краен рок за исплата е 30 ноември 2025 година.

Како најчести причини за доцнењето се наведуваат погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциските сметки на граѓаните во системот на УЈП, информираат од Министерството за финансии.

Во врска со шпекулациите дека мерката „Мој ДДВ“ ќе се укине, од ресорното министерство велат дека мерката и понатаму е законски утврдена и се спроведува во рамките на предвидените рокови.

„Доколку има промени, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана од надлежните институции“, додаваат од Министерството за финансии.

CATEGORIES
Share This