ОД ЛОНДОН ДО МАНЧЕСТЕР – Мареска заминува, Гвардиола го потврдува својот статус
Мареска се судри со управата, Гвардиола ужива поддршка од раководството

Иако пред само неколку месеци Енцо Мареска го крена пехарот на Светското клупско првенство, неговата авантура во Лондон заврши ненадејно и бурно. Прашањето кое сите си го поставуваат е: како еден проект кој ветуваше стабилност се распадна за само неколку недели?
На површината, резултатите беа слаби и само една победа во декември но вистинските причини за разделбата лежат во длабокиот јаз помеѓу тренерот и управата на клубот. Еве ги четирите клучни моменти кои доведоа до колапсот:
Мареска почна да чувствува огромен притисок од спортските директори околу тоа кој треба да игра и кој да биде заменет. Кулминацијата се случи на последните мечеви кога му било „сугерирано“ да го повлече Кол Палмер од игра поради медицински препораки, иако Италијанецот тврдеше дека играчот е подготвен. Мареска веруваше дека клубот му диктира состав базиран на пазарната вредност на играчите, а не на нивната форма, што создаде сериозен конфликт со управата.
Иако имаше договор до 2029 година, Мареска преку својот нов агент, Жорж Мендеш, барал подобар договор како потврда за доверба. Ова дојде во моменти кога тој двапати го известил клубот за интерес од поранешните работодавци Манчестер Сити и Јувентус. Управата на Челси го сфати тоа како непотребен притисок сред сезона, што дополнително го наруши односот со тренерот.
По победата над Евертон, Мареска изјави дека ги поминал своите „најлоши 48 часа“ поради луѓе во клубот кои не го поддржувале. Ова беше капката која ја прелеа чашата кај сопственикот Бехдад Егбали. Наместо проблемите да се решаваат интерно, Мареска почна јавно да ги критикува шефовите, вклучувајќи ја и трансфер политиката, што создаде дополнителна тензија.
Мареска се чувствувал несигурно бидејќи клубот не го штител доволно од критиките на навивачите, кои никогаш целосно не го прифатија неговиот „бавен и трпелив“ стил на игра. За разлика од Микел Артета во Арсенал, кој има целосна контрола врз проектот, Мареска сфатил дека во Челси е само „заменлив дел“ од машината, а не нејзин архитект.
Челси влегува во тежок јануари со натпревари против Манчестер Сити, Арсенал и Наполи. Тимот во моментов е поблиску до 15-то место отколку до врвот на табелата. Целта – пласман во Лигата на шампионите е сè уште достижна, но само со нов тренер кој ќе ги прифати „правилата на игра“ на сопствениците.
Од друга страна, на денешната прес-конференција едно од прашањата до Пеп Гвардиола се однесуваше на отказот на Енцо Мареска во Челзи на првиот ден од новата година.
„Од моја гледна точка, Челзи изгуби неверојатен менаџер и одлична личност. Тоа беше одлука на клубот и нивните водечки луѓе, и не можам да кажам повеќе. Јас сум многу среќен што сум тука и во овој клуб. Мојот клуб е навистина посебен“, рече Гвардиола.
Бидејќи Мареска во последните недели се спомнуваше како потенцијална замена за него, Гвардиола беше прашан и за својата иднина.
„Дали ќе бидам менаџер на Сити и следната сезона? О, Боже мој… Имам договор, тоа го кажав илјада пати. Знам дека веќе сте уморни од мене, но јас сум среќен и сакам да се борам со својот тим. Раководството ме почитува, што се покажа минатата сезона. Кога не победувавме три месеци, тие сè уште беа со мене што друго можам да направам? Имам уште една година од договорот и сакам да останам, но ќе видиме. Го кажав тоа милион пати, ама мојот кредибилитет е нула, нели?“ – додаде Пеп со иронија.
Натпреварот меѓу Манчестер Сити и Челзи е закажан за недела во 18:30 часот.


