ОД КОАЛИЦИЈА ДО ПАРТИЈА – ВЛЕН модел без доминантен лидер, една партија, четири лидери

Коалицијата планира регистрација како единствена партија со јасна идеолошка и организациска рамка

ОД КОАЛИЦИЈА ДО ПАРТИЈА – ВЛЕН модел без доминантен лидер, една партија, четири лидери
Фото: Принтскрин

Коалицијата ВЛЕН е блиску до трансформација во единствена политичка партија под името Демократска унија на Албанците – ВЛЕН. Според планот, новата партија ќе биде регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија, при што се разгледуваат две можности – формирање целосно нов политички субјект или промена на името на една од постојните партии во рамки на коалицијата.

Идеолошки, ВЛЕН ќе се позиционира во десниот центар, со нагласок на конзервативни вредности, улогата на нацијата, традиционалното семејство и заштитата на културното наследство. Во надворешнополитичка смисла, партијата ја дефинира својата јасна прозападна ориентација, со поддршка за стратешко партнерство со САД и Европската Унија, како и за регионална соработка преку оската Анкара-Софија-Скопје-Тирана.

Највисок орган на партијата ќе биде Конгресот, составен од 500 делегати. Четирите партии-основачи ќе имаат по 150 делегати, додека ВВ и Арберија по 50. Конгресот ќе ги избира Претседателството и Генералниот совет. Генералниот совет ќе брои 130 членови со пропорционална застапеност и ќе одлучува за изборот на Централното претседателство, пратеничките листи и најважните стратешки прашања. Централното претседателство ќе има 33 членови, при што пратениците, министрите, заменик-министрите и градоначалниците ќе учествуваат без право на глас.

Клучна новина во предложениот модел е ротацијата на претседателската функција. Раководството ќе се состои од четири позиции – претседател, генерален секретар, потпретседател и претседател на Генералниот совет со мандат од четири години, додека претседателот на партијата ќе се менува секоја година. Редоследот на ротација ќе се утврдува со ждрепка, а сите одлуки ќе се носат исклучиво со консензус, со цел да се обезбеди целосна рамноправност меѓу субјектите.

Претседателот ќе ја претставува партијата и ќе ги координира состаноците на раководните тела, генералниот секретар ќе раководи со администрацијата, потпретседателот ќе го заменува претседателот во негово отсуство, а претседателот на Генералниот совет ќе ја води работата на советот согласно статутот.

Организациската структура предвидува формирање на повеќе секретаријати, меѓу кои за организација, стратешки политики и меѓународни односи, односи со јавноста, како и департмани како „влада во сенка“, носители на јавни функции, кадровска политика и финансии. Сите тела ќе функционираат преку четиричлени комисии со консензусно одлучување.

Планот опфаќа и основање Политичка академија на ВЛЕН, како и Форум на жени и Форум на млади, со развиена мрежа на локални ограноци и подограноци низ целата држава.

Предвидениот мандат на овој модел е четири години, со почетен буџет од 100 илјади евра, обезбедени од четирите конститутивни партии. Централното седиште ќе биде во Скопје, а сите постојни канцеларии ќе бидат ребрендирани под името ВЛЕН. Иако постојните партии формално може да продолжат да постојат поради државното финансирање, по одржувањето на Конгресот ниту една од нив нема да делува политички самостојно, со можност за нивно целосно згаснување во иднина.

CATEGORIES
Share This