ОД БОЛНИЧКИ КРЕВЕТ ДО СПОРТСКИ ТЕРЕН Нова надеж за повредените од „Пулс“

На пациентите им се обезбедува континуирана здравствена нега и физикална терапија.

ОД БОЛНИЧКИ КРЕВЕТ ДО СПОРТСКИ ТЕРЕН Нова надеж за повредените од „Пулс“
Фото: Википедиа

Првата група од 45 лица повредени во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани ја заврши двонеделната рехабилитација во одморалиштето на МВР на планинскиот центар Пониква.

Во вторник се очекува пристигнување на втората група, составена од нови пациенти, како и лица со респираторни проблеми кои претходно го завршиле болничкото лекување. Во меѓувреме, објектите се подложуваат на комплетна дезинфекција и прскање против комарци, со цел создавање безбедни услови за престој.

„Престојот на планина им годи на повредените – и физички и психички. Дел од нив веќе се подготвуваат за испити на факултетите, а оние што претходно биле вработени, се чувствуваат подготвени да се вратат на работа. Особено инспиративен е примерот на едно момче, кое по закрепнувањето се пријави како волонтер во Доброволното противпожарно друштво во Кочани – изјави Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница со проширена дејност во Кочани.

Рехабилитацијата ја спроведуваат лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје, заедно со физиотерапевти од Кочани и Штип. На пациентите им се обезбедува континуирана здравствена нега и физикална терапија. Тие активно учествуваат во физички активности, користејќи ги спортските терени, а вклучени се и во националниот здравствен систем „Мој термин“.

Во тек се подготовките и за третата група повредени, која наскоро ќе започне со својата рехабилитација на Пониква.

CATEGORIES
TAGS
Share This