ОД БЕГАЛЕЦ ДО ПРИТВОРЕНИК – Уапсен моќен вицепремиер за криминал од 8 милиони евра

Министерството за внатрешни работи потврди дека апсењето е извршено по меѓународна потерница

ОД БЕГАЛЕЦ ДО ПРИТВОРЕНИК – Уапсен моќен вицепремиер за криминал од 8 милиони евра
Фото: МВР

Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Артан Груби утрово е приведен на граничниот премин Блаце, при влез во државата од Косово. По приведувањето, тој е спроведен во Истражен затвор Шуто Оризари, каде му е одреден притвор во траење од 30 дена. Според неофицијални информации, Груби во затворот бил однесен без присуство на адвокат.

Од Министерство за внатрешни работи соопштија дека приведувањето се случило денеска, 23 февруари 2026 година, во 06:10 часот, откако тој бил баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по член 354, став 5, во врска со ставовите 3 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик.

Во дел од медиумите веќе се појави видео од апсењето, на кое се гледа како Груби, со качулка и очила за сонце, мирно и насмеано им ги подава рацете на полицајците, по што му се ставаат лисици. Потоа се покрива со црн шал. Според визуелниот впечаток, тој доброволно им се предал на истражните органи, што отвора сомнежи дека неговото доаѓање во земјава било претходно најавено.

Цела година немаше официјални информации за тоа каде се наоѓа Груби, откако ја напушти државата преку истиот граничен премин. Во јавноста кружеа шпекулации дека престојувал во Албанија, а подоцна и во Косово. Фактот што беше уапсен при влез во Македонија сугерира дека неговото едногодишно бегство најверојатно го поминал во една од овие две земји.

Груби е осомничен за проневера во Државна лотарија, каде, заедно со Перпарим Бајрами, се товари за криминал тежок околу осум милиони евра. Според истрагата, средствата биле злоупотребени преку набавка на ВЛТ апарати.

CATEGORIES
TAGS
Share This