ОД 12 ОКТОМВРИ – Македонците ќе се регистрираат за влез во ЕУ

Македонските граѓани кои патуваат во ЕУ или преку нејзините граници (со Грција и Бугарија) ќе треба да се регистрираат само еднаш

ОД 12 ОКТОМВРИ – Македонците ќе се регистрираат за влез во ЕУ
Фото: Принтскрин

Од 12 октомври, македонските државјани на влез во Европската унија (ЕУ) ќе треба еднаш да се регистрираат со фотографија и отпечаток од прст. Од идната година, оваа процедура ќе биде платена.

Новиот систем за влез/излез во ЕУ (ЕЕС) ќе започне постепено од 12 октомври, со цел да се зајакне безбедноста на граничните премини. Системот важи за сите држави, вклучително САД, Обединетото Кралство, Јапонија и други, и не воведува виза за Македонија.

Македонските граѓани кои патуваат во ЕУ или преку нејзините граници (со Грција и Бугарија) ќе треба да се регистрираат само еднаш. По регистрацијата, влезот во ЕУ ќе биде автоматизиран преку апарат или мобилен телефон.

Сепак, примена ќе биде постепена: во првата фаза ќе се регистрираат околу 10% од патниците, а во четвртата фаза – сите 100%. На пример, Грција ќе започне со регистрација веднаш, додека Бугарија на Деве Баир ќе започне при крајот на октомври, а на премините кај Делчево и Ново Село – крајот на годинава и почетокот на идната.

Во 2026 година, со воведување на системот ЕТИАС, патниците ќе треба да аплицираат однапред за влез, да ги најавуваат патувањата и да платат околу 20 евра (цената се уште не е дефинитивна). Одобрените патници ќе добијат сертификат со важност од три години. Процедурата се однесува само на кратки престои; долгиот престој бара посебна апликација во амбасадите.

Деца до 12 години и лица над 70 години ќе бидат ослободени од регистрација и плаќање. Дипломатските пасоши ќе важат само за акредитирани лица во земјите членки на ЕУ. По истекот на пасошот, регистрацијата треба да се повтори.

Вицепремиерот Александар Николоски претходно тврдеше дека Македонија ќе има одлагање, но од ЕУ појаснуваат дека нема дискриминација и дека постепеното воведување не значи одлагање.

Бизнис секторот истакнува дека новите протоколи можат да создадат ограничувања за транспортните оператори од Македонија, поради шенгенските правила за професионални возачи.

Од ЕУ потенцираат дека системот не е поради недоверба кон македонските пасоши, туку за заштита од фалсификување и криминал.

Клучни датуми се: 12 октомври 2025 почеток на постепено воведување на ЕЕС, потоа 10 април 2026 – целосна имплементација на ЕЕС, почеток на електронско пресметување на деновите на престој и 2026 година воведување на ЕТИАС

Дополнителни информации за новиот граничен режим може да се најдат тука.

CATEGORIES
TAGS
Share This