ОД 10 АПРИЛ НОВА ДИГИТАЛНА КОНТРОЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ – Еве што ќе се случи со вашите податоци
Нов дигитален систем ќе ги евидентира вашите биометриски податоци и ќе го следи времето на престој.

Министерството за внатрешни работи известува дека од 10.04.2026 целосно се воведува системот за влез и излез во ЕУ (EES – Entry/Exit System). Со ова, на надворешните граници на Европската унија ќе се користи нов, дигитален начин за евиденција и контрола на граѓани од земји кои не се членки на ЕУ, кои патуваат за краткорочен престој.
Системот EES ќе овозможи електронска евиденција на влезовите и излезите од ЕУ, обработка на биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) за побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој според правилото „90 дена во период од 180 дена“.
Со воведувањето на системот, времето на задржување на граничните премини може да се зголеми, но Граничната полиција веќе презеде сите потребни мерки за обезбедување брз и непречен проток на патници.
Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, ќе ја следи состојбата континуирано, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот.
