ОБВИНИТЕЛСТВОТО СМИРУВА, РОДИТЕЛИТЕ НЕ ОТСТАПУВААТ – Тензии по отстранувањето на обвинителката Трајчева од предметот Пулс

Семејствата на жртвите бараат континуитет и правда без политички и административни влијанија.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО СМИРУВА, РОДИТЕЛИТЕ НЕ ОТСТАПУВААТ – Тензии по отстранувањето на обвинителката Трајчева од предметот Пулс
Фото: Национал

На 39-тиот „Марш на ангелите“ во Кочани, семејствата на загинатите изразија незадоволство од одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, која ги водеше предметите против полицајците обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“. Тие побараа таа да биде вратена на случајот.

Претседателот на здружението „16 Март 2025 г. Кочани“, Александар Наунов, нагласи дека Трајчева подолг период работела на предметот и е целосно запознаена со него. Според него, нејзиното отстранување не е во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста на постапката.

„Ова отвора сериозно прашање дали формата се става пред суштината – правдата. Не станува збор за поединец, туку за системска одговорност. 63 изгубени животи не смеат да станат предмет на административни одлуки без последици“, изјави Наунов.

Од друга страна, Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно информирање, предупредувајќи дека шпекулациите околу промената на обвинителот можат дополнително да ги вознемират семејствата и јавноста.

Оттаму уверуваат дека ниту еден започнат процес нема да биде неоправдано одолговлекуван и дека секогаш ќе има обвинител подготвен да го застапува обвинението во судница.

По одлуките на Советот за избор на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, институцијата веќе презела мерки за непречено и ефикасно водење на сите постапки.

„Јавното обвинителство е единствен орган и евентуалната промена на обвинител не влијае врз текот на постапките. Судењето продолжува таму каде што застанало, без потреба од повторување“, посочуваат од Обвинителството.

Воедно, тие ги повикаа новинарските здруженија и јавните личности да се придржуваат до етичките стандарди и да покажат воздржаност во јавните настапи, со цел да се избегне дополнителна болка и нова виктимизација на семејствата на жртвите.

„Како држава, им должиме на жртвите и на нивните семејства законита, достоинствена и ефикасна постапка што ќе ја донесе очекуваната правда“, порачуваат од Јавното обвинителство.

CATEGORIES
Share This