Обвинителството против законот – Како е можно магистерска диплома да не е одлучувачка
Кривичната пријава против ректорот Бимбиловски отфрлена без да се прочита Законот за високото образование

Со ова мое пишување отворено се обраќам до Советот на јавни обвинители на Република Македонија, до Јавното обвинителство и до Вишото јавно обвинителство Битола.
Имено, на ден 23.07.2025 година поднесов кривична пријава поради сомневања за злоупотреби во текот на постапката за нострификација и избор во наставно-научно звање на проф.д-р Иван Бимбиловски, сегашен Ректор на Универзитетот „Свети Апостол Павле” во Охрид.
На ден 16.12.2025 година добив писмено известување од јавната обвинителка Викторија Коваческа Мандулоска со кое ме известува дека пријавата е отфрлена.
Видно изненаден од содржината на известувањето, ценам дека истото е произволно и крајно непрофесионално изготвено со индикации за сомнежи од субјективистичко постапување.
Прво, јас како подносител воопшто не бев повикан да образложам и дообјаснам доколку за некои факти има нејаснотии.
Второ, во известувањето евидентно е дека обвинителката воопшто не го консултирала Законот за високото образование кој е lex specialis закон и каде е нормирана постапката за избор во наставно–научно звање. Зошто се сомневам за паушално постапување?
Затоа што секој сериозен и објективен јавен обвинител ќе ја почне својата работа токму со овој закон. Во спротивно, како во овој случај, обвинителката ќе заклучи дека пријавениот при изборот во звање или при вршењето на функцијата користел посебна магистерска диплома како услов за стекнување на службената положба, ниту пак дека истата била одлучувачка за остварување на било кое право или корист. Чудно и за неверување! Како може магистерската да не е одлучувачка? За што дебатираме воопшто? Срам за академската заедница во државата.
Вам верувам дека Ви е јасно: услов за да докторирате е да имате завршено факултет и да имате магистрирано. Доколку сте завршиле магистратура во странство, согласно Законот за високото образование потребно е да се нострифицира дипломата. Затоа во Министерството за образование и наука постои посебен сектор за нострификација.
Во пријавата не е наведено дека пријавениот не ја нострифицирал магистерскта диплома, а секторот за високо образование му го нострифицирал докторатот од странство, а претходно не му ја нострифицирал магистерската иако бил должен во постапката за нострификација на докторската диплома да има решение за нострификација на магистерската диплома. Тоа е толку едноставно и јасно што ми е непријатно да го објаснувам.
Но, кога обвинителот не го консултирал Законот за високото образование нормално е да пишува небулозни и правно неиздржани известувања. Наместо да ги повика сите од секторот за нострификација и да дадат објаснување обвинителката само со еден лист ја отфрла пријавата. Еве да ја прашам обвинителката зошто пријавениот ја нострифицирал дипломата за докторат од странство? Тој е доктор на правни науки и добро знае што е нострификација. Но, не ја нострифицирал магистерската.
Несфатливо е објаснувањето на обвинтелката дека тоа што не ја нострифицирал магистерката не било пречка за негово напредување? За што зборуваме? Во кој свет живееме?
Еве едно кратко објаснување: дипломите од факултет, магистратура и докторат се основа за избор во наставно-научно звање. Доколку пак, сте избран во наставно-научно звање може да бидете избрани во раководна функција – декан, продекан, ректор, проректот итн. Пријавата токму упатува на фактот дека изборот е незаконски затоа што не е нострифицирана магистерскта диплома, па оттука нелегалниот избор во звање не може да биде основа за избор во Ректор. Една диплома стекната во странство за да биде дел од правниот промет мора да биде нострифицирана.
Затоа непријатно ми е кога читам од јавен обвинител, кој не го цитира Законот за високото образование во известувањето и да пишува такви небулози.
На втората страница, за мене индикативна е втората реченица со која неведувате дека е издадена достава наредба решението да се достави до оштетениот универзитет „Свети Апоспол Павле“ во Охрид, кој има право на жалба на тоа решение (се мисли на решението со кое е отфрлена кривичната пријава).
Значи, пријавата е поднесена против проф.д-р Иван Бимбиловски, кој е моментно и Ректор на универзитетот. Согласно член 97 (1) од Законот за високото образование: Ректорот е раководен орган на универзитетот. Оттука, зачудува вашето нотирање за правото на жалба кое треба да го оствари лицето против кое е поднесена кривичната пријава и за кое вашето решение е во негов интерес? Според Вас, пријавениот треба да си вложи жалба против самиот себе за добиеното решение од Вас, кое е во негов интерес!?
Како највисока институција, Ве замолувам да спроведете истражување за непрофесионално работење на јавниот обвинител во овој случај и истовремено да се распореди предметот кај нов јавен обвинител кој повторно ќе постапи по случајот и да се откријат сите сомнежи, како во однос на постапувањето на надлежните во секторот за нострификација, така и во однос на умисленото дејствување на пријавениот.


