ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ 67-годишник ширел расистички материјални на социјални мрежи

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против 67-годишен жител на Неготино, осомничен дека извршил кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, казниво по член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Според истрагата, на 20 октомври осомничениот на свој личен профил и на страница на социјална мрежа споделувал видео-снимка со содржина која поттикнувала омраза и дискриминација врз основа на етничка припадност. Во видеото биле употребени навредливи и понижувачки изрази насочени кон припадници на ромската заедница, а бил присутен и повик за ограничување на нивното избирачко право.
Обвинителството соопшти дека по обезбедување на сите потребни докази, постојат основи за кривично гонење и предметот е проследен до надлежниот суд, кој треба да одлучи за понатамошната постапка.

