ОБВИНИТЕЛИТЕ АЛАРМИРААТ – Имаме најниски плати во регионот, не сакаме намалување

Здружението на јавните обвинители предупредува дека платите не можат да се намалуваат ниту со закон, додека во Уставниот суд веќе се води постапка за оценка на уставноста.

ОБВИНИТЕЛИТЕ АЛАРМИРААТ – Имаме најниски плати во регионот, не сакаме намалување
Фото: Национал

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија упати итна јавна реакција до Собрание на Република Северна Македонија, по повод денешната седница на која на дневен ред се платите на функционерите, судиите и јавните обвинители.

На седницата се разгледуваат повеќе законски измени по скратена постапка, меѓу кои измените на законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните, за пратениците, како и за платите и другите надоместоци на избрани и именувани лица. Дополнително, предмет на расправа се и предлог-измените на законите што се однесуваат на платите на јавните обвинители, судиите, членовите на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет, исто така по скратена постапка.

Во дописот доставен до претседателот на Собранието и до пратениците, Здружението наведува дека одлуката за јавната реакција била донесена на седница на Собранието и Извршниот одбор на Здружението, одржана на 24 февруари 2026 година. Јавните обвинители посочуваат дека ја разбираат сложената економска состојба во државата и потребата од мерки за штедење, но нагласуваат дека, согласно член 2 од важечкиот Закон, нивната плата не може да се намали ниту со закон, ниту со одлука на државен орган, освен во случаи на утврдена дисциплинска одговорност.

Тие потсетуваат дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршување на друга дејност, поради што платата претставува единствен извор на приход. Според нивните податоци, платите на јавните обвинители се движат од под 90.000 до околу 130.000 денари, што, како што наведуваат, ги прави најниски во регионот. За споредба, платите во Србија се од 1.600 до 4.000 евра, во Црна Гора од 1.600 до 4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, додека во Бугарија просечната плата изнесува околу 3.000 евра, со дополнителен годишен бонус.

Во реакцијата се наведува и дека Уставен суд веќе има отворено постапка за оценка на уставноста на претходните измени на Законот за платите, со решение У.бр.71/25 од 24 декември 2025 година, по иницијатива на Здружението. Оттаму предупредуваат дека евентуални нови измени, со кои би се намалиле коефициентите за пресметка на платите, можат да предизвикаат дополнителни правни последици, особено додека постапката пред Уставниот суд сè уште трае.

CATEGORIES
Share This