ОБИЛНИ ВРНЕЖИ ВО СКОПСКО, КИЧЕВСКО, ТЕТОВСКО И ГОСТИВАРСКО – Поплави и евакуација на 180 лица, состојбата се следи
Поплавени дворови и подруми во повеќе општини по силниот дожд

Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта предизвикаа излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, при што беа зафатени повеќе куќи. Поради ризик од понатамошно ширење на водата, извршена е превентивна евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Дополнително, преземени се мерки на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, каде што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и дел од објектите на кичевската болница.
На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. За состојбата се известени градоначалникот на Општина Кичево и Дирекција за заштита и спасување.
Во 10:00 часот, раководителот на РЦУК Кичево одржа координациски состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвен крст. Од Скопје се испратени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна опрема.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите остануваат интензивни и состојбата внимателно се следи.
Во Скопје и околината во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавувања на дворни места и подрумски простории.
Пријави има од село Идризово (Општина Гази Баба), село Буковиќ (Општина Сарај), село Зелениково (Општина Зелениково), населбата Радишани (Општина Бутел).
Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскио регион преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што сообраќајот на овој пат е целосно блокиран. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата.
Од 07:45 часот, на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Засега нема зголемување на водостојот на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Вп Гостивар и околните населени места пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Во селото Балиндол е пријавен затрупан канал, поради што се поплавени неколку куќи.
Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, по што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и нефункционални одводни канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници на локалната самоуправа и надлежните институции се на терен и ја следат состојбата.


