ОБИЛНИ ВРНЕЖИ НИЗ МАКЕДОНИЈА Дожд во пониските, снег и зимска идила на планините

ОБИЛНИ ВРНЕЖИ НИЗ МАКЕДОНИЈА Дожд во пониските, снег и зимска идила на планините

Обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа ја зафатија речиси целата територија на Македонија, при што на повеќе места е измерено значително количество воден талог. Додека пониските предели беа погодени од интензивен дожд, на повисоките планински подрачја врнежите преминаа во снег, создавајќи вистинска зимска атмосфера.

Најизразена снежна покривка е регистрирана на скијачките центри, особено на Попова Шапка, каде што обилниот снег донесе вистинска снежна бајка и значително подобрување на условите за зимски спортови.

Според метеоролошките анализи, Македонија се наоѓа под директно влијание на циклонска активност која е позиционирана над поширокиот регион на нашиот дел од Европскиот континент. Во комбинација со изразен влажен воздушен бран, оваа состојба услови обилни и на моменти поројни врнежи, кои локално беа со посилен интензитет.

Најголемо количество воден талог во изминатите 24 часа, заклучно со 7 часот утрово, е измерено на Попова Шапка и во Пожаране, каде што наврнале по 62 литри дожд на метар квадратен. Ваквите количини укажуваат на изразено нестабилно време, карактеристично за циклонски услови.

Во табеларниот приказ се прикажани денешните минимални температури измерени до 7 часот утрово по градови и населени места низ Македонија, како и вкупното количество наврнат воден талог во изминатите 24 часа. Податоците се добиени од официјалните мерни станици на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Надлежните служби внимателно ја следат состојбата, а граѓаните се повикуваат на зголемена претпазливост, особено во подрачјата каде што постои можност од локални поплави, одрони или отежнат сообраќај поради временските услови.

CATEGORIES
Share This