ОБЕДИНЕТИ ВО ВЕРАТА И ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО Верските лидери потпишаа декларација против екстремизмот

Декларацијата, која беше потпишана на иницијатива на Центарот за меѓународна соработка и Комисијата за односи со верските заедници, претставува симбол на обединетоста на религиозните заедници во справување со опасностите од радикализација и насилен екстремизам.

ОБЕДИНЕТИ ВО ВЕРАТА И ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО Верските лидери потпишаа декларација против екстремизмот

Верските лидери во Македонија потпишаа заедничка декларација со која јавно се обврзаа на активна борба против насилниот екстремизам и превенцијата од вакви појави во општеството.

Декларацијата, која беше потпишана на иницијатива на Центарот за меѓународна соработка и Комисијата за односи со верските заедници, претставува симбол на обединетоста на религиозните заедници во справување со опасностите од радикализација и насилен екстремизам. Според верските лидери, улогата на верските заедници е клучна, бидејќи тие преку секојдневна работа со граѓаните можат да делуваат едукативно и превентивно.

„Го осудуваме насилниот екстримизам и сите облици на насилство без оглед на нивниот извор, облик или мотив. Верата е повик на мир а не на омраза, на дијалог, а не на осуда. Ги повикуваме верниците од нашите заедници и сите наши сограѓани да ги негуваат вредностите на меѓусебно почитување, дијалог и разбирање кои се темел за заеднички живот и на градење општество отпорно на омраза, поделба и насилен екстремизам. Се обврзуваме да придонесуваме за одговорноста на заедниците особено кај младите и ранливите групи преку пренесување и зацврствување на духовните и моралните вредности што произлегуваат од нашите свети учења и се спротивставуваат на насилство, омраза и искривување на верата“ стои во Декларацијата.

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаху, изјави дека сите џамии во земјата се под контрола на ИВЗ и оти нема индикации за појава на екстремизам во рамките на институцијата. Тој посочи дека неодамнешните активности на Министерството за внатрешни работи против екстремизмот откриле лица кои не биле дел од официјалната верска структура.

„Не бевме свесни за вакви појави како што споменавте во Гостивар и на други места, бидејќи тие не беа ниту верски работници, ниту квалификувани претставници. Добро е што државата ги препозна тие манифестации и презеде соодветни мерки. Со моето доаѓање во ИВЗ, неколку џамии кои беа надвор од контролата на заедницата се вратија под наша надлежност и сега функционираат според правилата на ИВЗ“, истакна Фетаху.

Со оваа декларација, верските лидери испратија јасна порака за посветеност на мирот, меѓусебното почитување и соработката со државните институции во заедничката борба против сите форми на насилство и екстремизам.

Потпис, за зајакнување на напорите во превенирањето и борбата против насилниот екстремизам ставија архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и директорот на Македонскиот Центар за Меѓународна соработка Александар Кржаловски.

CATEGORIES
TAGS
Share This